Османи: Нацрт-резолуцијата на ЕП не е директно поврзана со бугарското вето

Шефот на дипломатијата Бујар Османи

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека Нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото на Бугарија. Тој посочи и дека успеале да ги неутрализираат обидите за наметнување амандмани што биле доста провокативни.

„До крај на процесот не можеме да предвидиме што пратениците и различните групи може да прифатат, меѓутоа сме во постојан контакт. Таа резолуција го искажува ставот на ЕП, но не го утврдува или не го неутрализира ветото, односно нема влијание директно на самото вето“, рече Османи.
За дипломатска офанзива во врска со овие амандмани, Османи рече дека македонската амбасадорка во Брисел со целата мисија вчера била во ЕП на состаноци со секој од пратениците.

„Има и други два амандмани што се предложени, а кои ние сметаме дека се спорни, но ние не сме таму, бугарските пратеници се внатре во Парламентот ние се обидуваме од надвор преку контакти со наши поддржувачи да ги неутрализираме“, рече Османи.

Според него, тоанема да влијае на целиот процес, бидејќи не постојат дилеми со кој било друг, освен со Бугарија, и оти тој став не може да се наметне како европски став, но сепак треба да сме поактивни во тој дел за континуирано да ги објасниме нашите позиции.

Османи оцени дека сепак мора да се стави акцент дека резолуцијата во ЕП е позитивна, бидејќи таму јасно се вели дека билатералните прашања не треба да бидат дел од пристапниот процес.

Во ЕП попладнево ќе се расправа за Извештајот на европратеникот Илхан Ќучук за напредокот на земјава, во кој ЕУ се повикува да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан поради рускиот напад врз Украина.

Во Извештајот се повикуваат земјите на Европската Унија да покажат единство со формално отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана, земјаќи ги предвид геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните барања, како што се инвестициите во доверба, стабилност, напредок и помирување во регионот.

Извештајот изразува поддршка за Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение за отворените билатерални прашања и силно го поздравува политичкиот поттик за широка, конструктивна комуникација меѓу двете земји, барајќи нова заедничка основа во многу области од заемен интерес наместо дополнителни линии на поделба.

Северна Македонија, но и Албанија се блокирани да ги почнат преговорите со ЕУ од страна на Бугарија, која во 2019 година стави вето на пристапните преговори со Северна Македонија со барања поврзани со историјата и јазикот на земјава.