Патријарх Порфириј: Да се вратат браќата од Македонија во единство со нас

Српскиот патријарх Порфириј

Српскиот патријарх Порфириј во врска со одлуката на Соборот на СПЦ за прогласување на канонско единство со Македонската православна црква- Охридска архиепископија изјави дека СПЦ се обидува да живее во духот на мирот со сите православни цркви, иако тука има несогласувања и кавги, но тоа се минливи работи.

„Ние како СПЦ имавме 50 години раскол со браќата од Македонија, со браќата за кои можеме да кажеме дека ни се најблиски. Даде господ, пред се со молитви, па и со жртвата која ја поднесе архиепископот Јован (Вранишковски) и другите во Охридската архиепископија и со молитвите и на оние кои се членови на Македонската православна црква, да дојдеме до она што е желба и на едните и на другите и да воспоставиме единство. Да се вратат браќата од Македонија во единство со нас, па и со сите други православни цркви“, изјави патријархот Порфириј по средбата на епископи на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Порфириј изјави дека црквата секогаш ќе биде отворена за секаква соработка на се што е добро и е благодет за сите.

„Сите чувствуваме дека времињата се комплицирани и повеќе од тешки, секој ден лежиме и се будиме со прашањето кога ќе дојде крајот на конфликтот во Украина. Знаејќи дека ова не е само конфликт меѓу две земји кои би требало да имаат можност за заеднички живот, но ова е подлабок конфликт. Од наша гледна точка, тоа не е само геополитички, туку и судир на вредносни системи, конфликт на цивилизации, што не става во позиција дека мора да имаме став“, изјави Порфириј, додавајќи дека ставот на Црквата е „на молитва на Господ за мир за секогаш“.

Портпаролот на Синодот на МПО-ОА и митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Владиката Тимотеј, по денешната седница изјави дека се надеваат и очекуваат до крајот на месецов Српската православна црква (СПЦ) да го испрати до Влеленската Патријаршија предлоот за автокефален статус на МПЦ-ОА.

По канонското признавање на Охридската Архепископија од страна на Вселенската Патријаршија, Синодот на Српската православна црква СПЦ вчера соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на МПЦ-ОА.