Руски војник обвинет за воено злосторство се изјасни за виновен на судењето во Киев

Илустративна фотографија - Локален жител поминува пред оштетена зграда и руски тенк во градот Тростсијанец, на околу 400 километри источно од Киев, 28 март 2022 година

Првиот руски војник на кој му се суди поради обвинение за воено злосторство во Украина, се изјасни за виновен на сослушувањето пред судот во Киев.

Запрашан денеска пред судот, дали е виновен за убиство на 62-годишен украински цивил кој возел велосипед во селото Чупахивка во североисточниот регион Суми, наредникот Вадим Шишимарин одговори: „Да“.

На Шишимарин, кој доаѓа од сибирскиот регион Иркутск, за злосторството му се заканува доживотен затвор.

Убиството се случило само неколку дена откако Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина.

21-годишниот Шишимарин, припадник на тенковската единица која беше заробена од украинските сили, признава дека пукал во цивилот во видео објавено од Службата за безбедност на Украина.

„Ми беше наредено да пукам“, вели Шишимарин во видеото додека го опишува убиството на 28 февруари.

„Пукав во него. Тој паѓа. И продолживме понатаму“.

Украинскиот генерален обвинител Ирина Венедиктова минатиот месец идентификуваше 10 војници на 64-та механизирана пешадиска бригада на руските вооружени сили, велејќи дека тие се осомничени за „суровост кон цивили и други воени злосторства“, додавајќи дека украинските истражители продолжуваат да собираат докази, а дека именуваните биле само првите.

Таа, исто така, тогаш рече дека се водат истраги за да се открие дали 10-те Руси учествувале во убиствата на цивили во Буча.

По повлекувањето на руските сили од Буча и другите градови во близина на Киев, беа откри страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите.

На 12 мај, Советот за човекови права на ОН (УНХРЦ) со големо мнозинство ја одобри резолуцијата за покренување истрага за наводите за злоупотреби од страна на руските војници во областите на Украина што тие привремено ги контролираа.

Во резолуцијата на УНХРЦ се наведени очигледни случаи на тортура, пукање и сексуално насилство, заедно со други злосторства документирани од тим на ОН на теренот.