Претседателот Стево Пендаровски денеска испрати писмо до Архиепископот Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх Вартоломеј во однос на признавањето на каноничноста на Охридската Архиепископија од страна на Вселенската Патријаршија.
Пендаровски во писмото оценува дека со примањето на МПЦ-ОА во канонско единство и во евхаристиско општење, била исправена „историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници.“
„Вие ја исправате историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници и ги исцелувате длабоките рани предизвикани од децениската изолација. Особено важно е што на нашата Црква и го признавате и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници“, наведува Пендаровски во писмото.
Претседателот исто така изразува надеж и очекување за скорешно конечно решавање на административниот статус на МПЦ-ОА преку доделување на Томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија,
Тој истакнува дека целосното заокружување на автокефалноста на МПЦ-ОА е од врвен национален интерес, бидејќи отвора можност „за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество“, наведува Пендаровски во писмото.
Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, како што соопшти на 9 мај, ја отстрани „повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ.“
Со тоа Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа, а наведе дека како име на оваа Црква го признава „Охридска“ имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија.
Вчера и Синодот на Српската православна црква СПЦ соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Според соопштението на СПЦ, со ова се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.
„Со воспоставување на единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целиот простор на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија, не само што е можен, туку е и наменски, легитимен и реален“, се вели во соопштението на СПЦ.
Пендаровски во денешното писмо наведува дека, со оглед на историското и канонско право на Вселенската Патријаршија, очекува скоро конечно да биде решен административниот статус на МПЦ-ОА преку доделување на Томос за автокефалност.
„Целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес за нас бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество“, вели Пендаровски во писмото.