Русија соопшти дека се предале речиси 1.000 украински борци заробени во фабриката за челик Азовстал, којашто беше нивното последно упориште во опколениот јужен украински пристанишен град Мариупол.
Портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков, денеска изјави дека 694 украински борци во Азовстал се предале во изминатите 24 часа, вклучително и 29 ранети војници.
Конашенков рече дека 265 украински војници, од кои 51 ранет, го положиле оружјето во претходните 24 часа.
Со тоа вкупниот број на украински војници кои ја напуштија фабриката оваа недела се искачи на 959. Сите тие, наводно, биле префрлени на територијата во источна Украина која е под контрола на сепаратистите поддржани од Русија.
Украинските власти не ги потврдија бројките.
На 17 мај, заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар изјави дека преговорите за ослободување на борците се во тек, како и плановите за извлекување на оние кои сè уште се во фабриката за челик.
Таа додаде дека Киев нема да открие колку борци останале внатре додека сите не бидат безбедни.
Мариупол е место на некои од најтешките борби откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари.