Европскиот парламент денеска ќе расправа за напредокот на Северна Македонија наведен во Извештајот на европратеникот Илхан Ќучук.
Во Извештајот се повикуваат земјите на Европската Унија да покажат единство со формално отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана, земјаќи ги предвид геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните барања, како што се инвестициите во доверба, стабилност, напредок и помирување во регионот.
Во извештајот се наведуваат и опасностите од растечката економска и енергетска зависност на целиот регион од Кина и Русија, а во документот се повикува ЕУ да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан поради рускиот напад врз Украина.
Северна Македонија, но и Албанија се блокирани да ги почнат преговорите со ЕУ од страна на Бугарија, која во 2019 година стави вето на пристапните преговори со Северна Македонија со барања поврзани со историјата и јазикот на земјава.
Во Извештајот се изразува поддршка за Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение за отворените билатерални прашања и силно го поздравува политичкиот поттик за широка, конструктивна комуникација меѓу двете земји, барајќи нова заедничка основа во многу области од заемен интерес наместо дополнителни линии на поделба.
Исто така се наведува дека Европскиот парламент се очекува да го поздрави процесот на зајакнување на односите на Северна Македонија со соседните земји и зајакнатата регионална соработка содржана во Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Партнерите се охрабруваат да ја забрзаат оваа заложба со добра волја и во согласност со билатералниот договор и да ги започнат пристапните преговори, искрено стремејќи се да постигнат заемно прифатливи, избалансирани и трајни решенија за отворените билатерални прашања што е можно поскоро“, се вели во документот.