Руските сили продолжуваат со ракетни напади и бомбардирање на воени цели и цивили низ Украина, додека се водат разговори за ослободување на борците евакуирани од челичарницата Азовстал во Мариупол.
Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Маљар рече дека преговорите за ослободување на борците се во тек, како и плановите за евакуација на оние кои се уште се во фабриката за челик.
Официјалните лица не кажаа колкумина се останати во Азовстал, откако група од 264 украински борци, вклучително и некои кои беа сериозно ранети, на 16 мај беа изнесени од фабриката и однесени на територија под контрола на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „највлијателните меѓународни посредници се вклучени“ во тековните преговори. Тој не даде детали.
Генералштабот на вооружените сили на Украина денеска соопшти дека во Мариупол руските војници продолжуваат да ги блокираат единиците во челичарницата Азовстал.
Украинската војска соопшти дека руските сили исто така го напаѓаат Доњецк на истокот на земјата и продолжуваат да ги гранатираат пограничните области Чернихив и Суми.
Загриженоста за судбината на украинските борци евакуирани од Азовстал се зголеми откако претседателот на руската Државна дума Вјачеслав Володин ги нарече „криминалци“ кои мора да бидат „изведени пред лицето на правдата“.
Володин рече дека борците на Азовстал треба да бидат исклучени од каква било идна размена, според Интерфакс.