Платите на просветните работници во средното и основното образование ќе пораснат за 15 проценти од септември. Ова е договорот кој вечерва го постигнаа Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука. По денешната средба тие соопштија дека нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот и дека истите работи ќе важат и за вработените во градинките.
На средбата, што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.
Препораките од помирувачот ќе бидат претставени пред членството на Синдикатот, а претседателот на СОНК Јаким Неделков се надева дека ќе бидат прифатени по што најдоцна за 10 дена треба да биде потпишана спогодба меѓу СОНК и МОН.
"Се надевам дека членството ќе ги прифати препораките од помирувачот," изјави Неделков по состанокот.
Со ова на истекот на законскиот рок, двете страни со потсредство на помирувач назначен од Министерството за труд и социјална политика, најдоа заедничко прифатливо решение за барањата на Синдикатот.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со потсредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.