Ракети и храна

РУСИЈА - Русија го напушти Советот на балтичките држави, обвинувајќи ја организацијата дека станува инструмент за антируската политика и дека сè повеќе се заглавува во русофобија и лаги.

ТАЏИКИСТАН - Двајца новинари на таџикистанскиот сервис на Радио Слободна Европа беа нападнати денеска од непознати напаѓачи откако интервјуирале активист обвинет за организирање на протестен марш во немирниот регион Горно-Бадакшан во Таџикистан.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот Стратешки дијалог со САД ќе го координира министерот за надворешни работи Бујар Османи, одлучи денеска владата на 45 седница. Во соопштението од владината прес служба е наведено дека Османи на 2 јуни ќе ја предводи владината делегација на отворањето на процесот во Вашингтон во чиј состав ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот Институт за европска политика предупредува на неколку спорни точки од нацрт- резолуцијата за Извештајот на Eвропската комисија за Северна Македонија за 2021 година која наскоро ќе треба да биде изгласана во Европскиот парламент.

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - Соборот на Српската православна црква денеска соопшти дека на 19 мај во четврток, во Белград ќе се случи првата литургија на сослужување со МПЦ. Ќе учествуват сите владици на МПЦ-ОА и Археископот Стефан, со сите владици на СПЦ, со Патријархот Порфириј. Во соопштението објавено на веб страната на СПЦ оваа литургија е наречена помирување.

ЕРМЕНИЈА - Ерменската полиција уапси повеќе од 400 луѓе во Ереван додека демонстрантите ги блокираа улиците на 17 мај за време на демонстрациите предводени од опозицијата за да го принудат премиерот Никол Пашинијан да ја напушти функцијата.

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против три лица осомничени за кривично дело трговија со дете, од кои еден е државјанин на Белгија, соопшти државното Јавно обвинителство.

ШВЕДСКА - Шведска потпиша официјално барање за приклучување кон НАТО, еден ден откако Стокхолм објави дека ќе бара членство во 30-члената западна воена алијанса поради безбедносни грижи предизвикани од руската инвазија на Украина.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја пријави уште над 269 илјади случаи на симптоми на треска и уште шест смртни случаи, објавија денеска државните медиуми во време кога земјата се соочува со ширење на епидемија на недијагностициран Ковид-19 меѓу невакцинираното население.

САД - Агенцијата за деца на Обединетите нации соопшти дека војната во Украина, која е меѓу најголемите снабдувачи на жито во светот, се заканува да го втурне светот во спирална криза со храна, што го влошува проблемот со тешка глад кај се поголем број деца.