Четворица новинари на РСЕ нападнати по антивладините протести во Таџикистан

Двајца новинари на таџикистанскиот сервис на Радио Слободна Европа беа нападнати денеска од непознати напаѓачи откако интервјуирале активист обвинет за организирање на протестен марш во немирниот регион Горно-Бадакшан во Таџикистан.

Возилото на новинарите било блокирано од друг автомобил во главниот град на Таџикистан, Душанбе, при што неколку мажи им се заканиле и ги извлекле од возилото новинарите Мулораџаб Јусуфи и Барот Јусуфи по што ги нападнале физички. За време на нападот им биле одземени телефоните и новинарската опрема.

Околу 30 минути подоцна, двајца други новинари, Анушервон Орифов и Насим Исамов од „Current Time“, сервис за соработка помеѓу РСЕ и Гласот на Америка, беа нападнати на ист начин, очигледно од истите напаѓачи.

Нападите се случија откако новинарите направија одделни интервјуа со познатата активистка за граѓански права Улфатхонум Маматшоева која таџикистанските власти ја обвинија за организирање на масовни протести на 16 мај во нестабилната област. Таа ги демантира таквите обвинувања.

Пукање на границата меѓу Таџикистан и Киргистан

Претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа Џејми Флај, преку соопштение ги осуди нападите.

„Силно ги осудуваме двата одвоени напади врз нашите новинари во Душанбе денеска. Постојано ги повикавме властите на Таџикистан да ја прекинат кампањата за притисок на владата против слободните медиуми“, вели тој.

Флај додаде дека веќе испратил жалба до таџикистанскиот министер за надворешни работи Сироџидин Мухрудин поради задржаните акредитации и заканите кон новинарите на РСЕ.

„Време е владата на Таџикистан да престане да се обидува да го поткопа независното известување кое е од корист за таџикистанскиот народ“, рече Флај.

Претходно истиот ден, Министерството за внатрешни работи на Таџикистан соопшти дека еден демонстрант бил убиен, а тројца полицајци биле ранети во судири со демонстранти при кои безбедносните сили употребиле гумени куршуми и солзавец. Демонстрантите бараат оставка на политичките лидери во регионот.