Македонскиот Институт за европска политика предупредува на неколку спорни точки од нацрт- резолуцијата за Извештајот на Eвропската комисија за Северна Македонија за 2021 година која наскоро ќе треба да биде изгласана во Европскиот парламент.
Во нивното отворено писмо до пратениците на ЕП е наведено дека го поздравуваат фактот што повторно се препорачува почеток на пристапни преговори за Северна Македонија со ЕУ. Но, во предлогот се наведени содржи кои во целост ја поткопуваат таа позиција. Во писмото се вели дека со ставот 75 се одобрува бугарското вето. Во него се наведени билатералните прашања како услов во процесот на пристапување.
„Поточно, текстот во овој став, кој што, меѓу другото, повикува „…да отпочнат пристапните преговори, при тоа истовремено да се решаваат нерешените билатерални прашања содржани во „мерките 4+1“ кои што треба да бидат доволно имплементирани и разрешени во текот на процесот на интеграција во ЕУ“, што е всушност одобрување на бугарското вето за почеток на преговорите. Од друга страна, „мерките 4+1“ не претставуваат официјален документ, туку неформален список на бугарски барања кои постојано се дополнуваат“ се вели во отвореното писмо до пратениците на Европскиот парламент.
Понатаму во него се објаснува дека со амандманот кој повикува „на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е предвидено со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, ќе го поддржи бугарскиот притисок да наметне сопствено толкување на историјата користејќи ја својата позиција како земја-членка на ЕУ.
Ново одлагање на преговорите со ЕУ носи нови ризици за земјата
Дополнително, текстот во став 79 имплицира притисок врз Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба самостојно и професионално да ја извршува својата задача. При тоа, Бугарија одбива вклучување на каква било форма на меѓународна експертиза во дискусијата за прашања кои се однесуваат и на европската историја, вклучувајќи го и Холокаустот.
„Амандманот 1 (за воведување став 75а) кој „жали за континуираниот недостаток на напредок во спроведувањето на неговите претходни препораки во врска со дискриминацијата на граѓаните кои што отворено го изразуваат својот бугарски идентитет и/или етничко потекло“ не е поддржан со докази. Во реалноста, граѓаните во Северна Македонија слободно го уживаат правото на слобода на изразување и здружување, за разлика од ситуацијата во Бугарија, која не ги спроведува релевантните пресуди на Судот за човекови права, како што е наведено во Резолуцијата на Европскиот парламент од 8 октомври 2020 година за владеење на правото и основните права во Бугарија“, се вели во отвореното писмо.
Македонскиот јазик не потекнува од бугарскиот - порака од професорите од Филолошкиот факултет
Дополнително од Институтот за европска политика предупредуваат дека ставот 80, кој констатира „…недостаток на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“, е теза која што не е поткрепена со објективни докази.
Напротив, според Извештајот на ЕК за Северна Македонија за 2021 година, „фокусот е свртен на надминување на нерешените билатерални прашања со Бугарија, давајќи дополнителен поттик за спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и на напорите за деблокирање на официјалното започнување на пристапните преговори“.
„Условите што Бугарија ѝ ги поставува на Северна Македонија во процесот на пристапување и кои што вие би ги поддржале со прифаќање на горенаведените текстови подразбираат негирање на македонскиот идентитет. Негирањето на македонскиот јазик доведе до блокирање на потпишувањето на Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) од страна на Бугарија. Предлогот за резолуција (став 40) „забележува дека договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) сè уште не е потпишан поради нерешени билатерални прашања“, но не ја наведува причината. Факт е дека Бугарија го блокира потпишувањето на Договорот, приговарајќи на употребата на „македонски јазик“, што покажува упорна негација на македонскиот идентитет. Ова не само што е спротивно на Договорот од Преспа, туку претставува сериозен ризик за заедничките интереси на ЕУ, Северна Македонија и регионот во ситуација на геополитичка криза“ се вели во писмото.
Од Институтот предупредуваат дека доколку пратениците на Европскиот парламент ги одобрат позициите во нацрт резолуцијата тоа ќе значи дека го поддржале ултиматумот што Бугарија ѝ го наметна на Северна Македонија, користејќи го како алатка членството во ЕУ. Европскиот парламент би ја поддржал билатерализацијата на процесот на пристапување и всушност би дал согласност за еднострано поставените услови од Бугарија, кои немаат никаква врска со критериумите за пристапување, спротивно на Стратегијата за проширување, се вели во писмото потпишано од Институтот за европска политика (ЕПИ) заедно со Бранителите на граѓански права (Civil Rights Defenders) и членките на мрежата Мисли за Европа (Think for Europe).