Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против три лица осомничени за кривично дело „трговија со дете“, од кои еден е државјанин на Белгија, соопшти државното Јавно обвинителство.
Останатите двајца осомничени (Е.А.) и (Ф.Б.) биле родители на детето и со Белгиецот (Л.Д.С.) од февруари до мај оваа година се договориле да склучат присилен брак со нивната малолетна ќерка со неполни 14 години, а како што соопшти МВР, Белгиецот имал намера да го однесе детето во Белгија со намера „да овозможи полови дејствија со дете или други форми на сексуална експлоатација.“
Л.Д.С во повеќе наврати престојувал во Северна Македонија, со цел да обезбедат лични документи за патување на детето во Белгија. Тој на родителите им дал околу 2.500 евра и во неколку наврати преку брз трансфер на пари од Белгија му испраќал на едниот од родителите (Е.А.) парични средства во различен износ, велат од МВР.
Случајот е реализиран од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги – Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
За случајот основниот кривичен суд Скопје денеска издал судски наредби со кои бил извршен претрес на домот и просториите на (Е.А.) и (Ф.Б.) каде привремено престојувале, а на Меѓународниот аеродром – Скопје бил извршен претрес на Белгиецот, по што тројцата биле лишени од слобода, откако бил обезбеден доказен материјал.
Од македонското Јавно обвинителство наведуваат дека во текот на втората половина во 2021 година осомничениот белгиски државјанин, со намера да користи сексуални услуги од дете, во Белгија истражувал преку интернет и се информирал за деца до кои лесно може да пристапи.
Од МВР соопштуваат дека Белгиецот за да го оствари својот план стапил во контакт со македонски државјанин кој го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца, по што првоосомничениот во повеќе наврати доаѓал преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ каде го пречекувале двајцата осомничени и нивните малолетни деца.
Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, се подвлекува во соопштението, тие се согласиле за паричен надомест, на првоосомничениот да му овозможат да користи сексуални услуги врз тринаесетгодишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа, наведуваат од МВР.
На тројцата осомничени им е определена мерка притвор од 30 дена, за кривичните дела што им се ставаат на товар осомничените родители можат да добијат казни затвор во траење од најмалку десет, а белгискиот државјанин 14 години затвор.