Москва соопшти дека протерува двајца фински дипломати, како одмазда за одлуката на Хелсинки во април да протера сличен број руски дипломати.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го повикало финскиот амбасадор во Русија, Анти Хелантера, за да го информира за потегот, наведувајќи го „конфронтирачкиот курс на Финска кон Русија“.
Финска и обезбеди оружје на Украина, која Русија ја нападна во февруари, а пратениците во Хелсинки се очекува подоцна денеска официјално да го поддржат пристапот кон безбедносната алијанса на НАТО.
Минатиот месец Финска протера двајца вработени во руската амбасада во Хелсинки како реакција на руската агресија врз Украина.
Европските држави протераа стотици руски дипломати откако беше започната неиспровоцираната инвазија врз Украина на 24 февруари.