Шведска потпиша официјално барање за приклучување кон НАТО, еден ден откако Стокхолм објави дека ќе бара членство во 30-члената западна воена алијанса поради безбедносни грижи предизвикани од руската инвазија на Украина.
Парламентот на нејзиниот сосед Финска треба подоцна денеска исто така формално треба да ја поддржи одлуката на финските лидери земјата да стане дел од алијансата.
Двете нордиски земји брзо тргнаа кон НАТО откако Русија на 24 февруари ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина.
Во Стокхолм, шведската министерка за надворешни работи Ен Линде го потпиша официјалното барање за влез во НАТО, кое, според неа, ќе биде испратено до генералниот секретар Јенс Столтенберг.
„Се чувствуваме како да донесовме одлука која е најдобра за Шведска“, рече Линде додека го потпишуваше документот.
Во меѓувреме, финскиот претседател Саули Ниинисто пристигна во официјална посета на Шведска. Тој треба да се обрати пред шведскиот Парламент во говор кој се очекува да се фокусира на НАТО и потоа да се сретне со премиерката Магдалена Андерсон.
Чекорите што ги презедоа двата нордиски соседи поттикнаа предупредувања од Русија, поради проширувањето на НАТО до нејзината западна граница.
Рускиот претседател Владимир Путин на 16 мај изјави дека иако Русија не ги гледа како закана одлуките на Финска и Шведска да се приклучат на НАТО, секое распоредување на воена инфраструктура во земјите може да предизвика одговор од Москва.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ги повтори коментарите на Путин, велејќи дека приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО веројатно нема да направи „голема разлика“ бидејќи двете земји долго време учествувале во воените вежби на Алијансата.
Но, тој предупреди дека Русија внимателно ќе ги следи активностите на НАТО во идните земји-членки.