Комисијата за заразни болести ќе прави симулација на можна појава на петти бран инфекции од коронавирусот, соопшти министерот за здравство Беким Сали.
Тој вели дека состојбата со Ковид-19 во државата е стабилна и дека надлежните сметаат оти постојните ковид мерки треба да останат, иако 99 отсто од нив се укинати, а дека во моментов се планира третманот на постковид пациентитите.
„Состојбата е стабилна и линеарна. Секој ден добиваме исти бројки, така што засега е мирно и немаме некој аларм што се најавува за во иднина“, вели Сали.
Епидемијата на Ковид-19 започна пред повеќе од две години кога многу држави во светот воведоа рестриктивни мерки поради брзото ширење на инфекциите.
Во Македонија оттогаш, според официјалните податоци, се заразија над 310 илјади луѓе, а досега се регистрирани 9.291 смртен случај.
Во моментов има 533 активни случаи, според Министерството за здравство.
Првите вакцини во земјава стигнаа во февруари 2021 година, а оттогаш околу 40 проценти од населението е целосно вакцинирано со најмалку две дози од вакцините против Ковид-19.