Британската влада се очекува денеска да ги претстави планираните закони кои ќе ѝ овозможат на Британија да промени делови од договорот за Брегзит. Посматрачите проценуваат дека ќе бидат потребни месеци за да се усвојат таквите закони, но едностраниот потег на Лондон ќе ја налути ЕУ, која ќе возврати со правни потези и потенцијални трговски санкции. ЕУ е најголемиот економски партнер на Британија. Британскиот премиер Борис Џонсон вчера уште еднаш се закани со еднострано менување на договорот за Брегзит со Европската унија, која ја обвини за политичката криза во Северна Ирска.
ЕП го ратификува трговскиот договор за Брегзит
Џонсон рече дека би било „неопходно да се дејствува“ доколку ЕУ не се согласи да ги ревидира трговските правила по Брегзит, за кои Лондон тврди дека ја нарушуваат деликатната политичка рамнотежа во Северна Ирска. Република Ирска, членка на ЕУ, предупреди дека едностраниот потег на Британија може да го загрози целиот трговски договор меѓу Брисел и Лондон за периодот по Брегзит. На минатонеделните парламентарни избори во Северна Ирска, најмногу пратенички места освои ирската националистичка партија Шин Феин, која се залага за обединување со Република Ирска.
Идејата на Макрон за Западен Балкан надвор од ЕУ
Ова е првпат Шин Феин, партија поврзана со поранешната Ирска републиканска армија, да освои најмногу гласови. Аранжманите за Северна Ирска по Брегзитот се најчувствителното прашање во процесот на одвојување на Британија од ЕУ, кој заврши на крајот на 2020 година. Според Протоколот, нема царински контроли или други проверки на границата меѓу Северна Ирска, која е дел од Британија, и Република Ирска, независна држава и членка на ЕУ, бидејќи отворената граница е клучен столб на мировниот процес кој стави крај на децениското насилство во Северна Ирска.