Над 260 украински војници евакуирани од челичарницата во Мариупол

Повреден припадник на украинските сили од опколената челичарница Азовстал во Мариупол е пренесен на носилки од автобус, кој пристигнал под придружба на проруската војска во текот на украинско-рускиот конфликт во Новоазовск, Украина.

Повеќе од 260 украински војници вчера беа евакуирани од Азовстал, челичарницата во југоисточниот украински пристанишен град Мариупол, кој со недели е под опсада. Украинското Министерство за одбрана најави евакуација откако еден од командантите на баталјонот Азов, украинската воена единица која е заробена во челичарницата, сигнализираше можен крај на опсадата. Украинската заменик-министер за одбрана Хана Маљар рече дека 53 „тешко ранети“ војници биле пренесени во болница во Новоазовск, додека други 211 биле евакуирани преку хуманитарен коридор до друга локација.

Украина и Русија во „многу тешки“ разговори за евакуација на ранетите борци од Азовстал

Баталјонот Азов претходно на социјалните мрежи објави дека за да спаси животи „целиот гарнизон во Мариупол ја спроведува одобрената одлука на Врховната воена команда и се надева на поддршка од украинскиот народ“. Руското Министерство за одбрана претходно објави договор со цел ранетите да ја напуштат челичарницата на лекување во градот што го држат сепаратистите поддржани од Москва. Нема информации дали ранетите ќе се сметаат за воени заробеници.

Што велат евакуираните од опколената челичарница Азовстал

Веста дојде во време на обновениот руски напад на истокот во кој беа убиени најмалку 19 цивили, соопштија властите во регионот. Серхи Хејдеј, гувернер на регионот Луганск, изјави дека 10 цивили загинале во Северодонецк, откако претходно изјави дека силното гранатирање предизвикало пожари во станбени области. Уште девет цивили биле убиени во регионот на Доњецк, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко на Телеграм. Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека нејзиниот контранапад околу Харкив, вториот по големина град во земјата, добил замав и нејзините сили ги турнале руските трупи назад до границата.