Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни. Исто така додаде дека ќе има криза ако не се реши македонско-бугарскиот спор.
„Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, изјави Борел вечерва на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој за првпат се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан.
Османи од Брисел: Топката е во Бугарија
Борел потсети и дека Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.
Бигарија веќе две години со вето го блокира почетокот на преговори на Македонија за влез во ЕУ. Во пакет со Македонија оди и Албанија, па индиректно бугарското вето за Македонија ги закочи евроинтеграциите и за Албанија.
За Борел процесот на кандидатура на Украина не е поврзан со процесот на проширување кон Западен Балкан.
На прашање дали се разгледува економска и финансиска помош за Северна Македонија и регионот поради последиците што ги трпат овие земји, Борел истакна дека не влегле во детали на оваа тема денеска.
Тој претходно повика да не се смета кризата како последица од санкциите, туку од војната на Русија, и оцени дека треба да води битка во делот на „наративот“ околу санкциите, исто така.