Српскиот министер за дојавите за бомби: Против Србија се води специјална војна

Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин

Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, за бројните дојави за бомби изјави дека „суштинската цел на сите овие напади е Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и во страв“.

Повеќе јавни објекти во Белград беа цел на лажни извештаи за бомби во последните месеци. Пријави се евидентирани и денеска.

Во соопштението на Министерството се наведува дека заканите пристигнале „од различни адреси од повеќе европски земји, на адреси на институции, весници и фирми“.

„Против Србија се води специјална војна. Нападите врз нашата земја не се иницирани или извршени од поединец, тоа се масовни, организирани и многу скапи хакерски напади, предводени од различни центри за хибридна војна“, рече министерот Вулин.

Во утринските часови 97 основни и средни училишта во Белград добиле дојави за бомби, а со проверка во поголем број училишта е утврдено дека пријавите се лажни, соопшти српското Министерство за образование.

Потоа во текот на попладневните часови пристигнаа нови закани дека се поставени бомби на мостовите во Белград, во трговскиот центар „Стадион“, како и во капацитетите за прочистување на водата. Освен тоа, полицијата во Ниш изутрината добила дојава дека на аеродромот „Константин Велики“ во овој град била поставена бомба.

Една од низата лажни пријави беше во петокот, на 13 мај, кога беа испратени закани за бомби на адресите на три трговски центри и четири студентски домови во Белград.

Министерството за внатрешни работи на Србија претходно најави дека поради дојави за бомби ќе побара помош преку меѓународна оперативна полициска соработка за да се добијат информации за сторителите и организаторите на ова кривично дело.

Засега властите во Србија не соопштуваат кој е одговорен за овие лажни извештаи.