По упад на европратеникот и потпретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и неговите поддржувачи било одложено денешното предавање на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Георгиевски требало да зборува за бугарско-македонските односи. И неговата посета на Софија била на покана од Клубот за бугарско-македонско пријателство, кој беше формиран неодамна.
Како што изјави Георгиевски, нејасно му е кому му пречи тоа што дошол да го каже.
„Пријателството се гради низ дијалог“, категоричен беше тој во кратката изјава за дописникот на МИА од Софија и група бугарски медиуми.
Како што пренесоа бугарските медиуми пак, поддржувачите на ВМРО-БНД, предводени од Џамбаски, решиле да присуствуваат на предавањето на тема „Бугарско-македонските односи 2017-2022 година – проблеми, достигнувања, неуспеси и перспективи“.
Тие влегле во Централниот воен клуб, и покрај обидите на организаторите кои одбиле да ги примат, иако предавањето било отворено за јавноста.