Русија соопшти дека ќе ги евакуира ранетите војници од Азовстал

Повредени украински војници користат патерици во теренска болница во бункер на фабриката за железо и челик Азовстал во Мариупол на 10 мај 2022 година

Русија денеска соопшти дека се согласила да ги евакуира ранетите украински војници од бункерите под опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол.

Ранетите ќе бидат евакуирани во медицинска установа во градот Новоазовск кој е под руска контрола.

„Постигнат е договор за отстранување на ранетите“, се вели во соопштението на московското Министерство за одбрана.

„Секоја информација може да им наштети на процесите што се случуваат. Бидејќи процесот е во тек, не можеме да кажеме што се случува во моментов“, изјави за украинската телевизија заменик-министерката за одбрана Хана Маљар.

Додека руските сили го гаѓаа Мариупол речиси два месеци, некои цивили и украински борци побараа засолниште во фабриката Азовстал - огромна фабрика од советската ера изградена со лавиринт од бункери и тунели.

Откако Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст посредуваа во договор со Русија и Украина, повеќето цивили беа евакуирани од Азовстал. Но, украинските борци остануваат во фабриката. Видеата и сликите објавени на интернет покажуваат дека некои од нив имаат сериозни повреди.

Мариупол, пристаништето на Азовското Море, ги претрпе најразорните борби во војната во Украина. Официјален Киев вели дека десетици илјади луѓе веројатно биле убиени таму од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а фабриката за челик Азовстал е последниот дел од градот кој сè уште е под контрола на украинските борци.