Бугарија треба да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот, е пораката која ја упатил министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој денеска учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан.
„Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот, изјави Османи за МИА потенцирајќи дека во моментов нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор.
Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму.
За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.
Како што пренесе МИА, Северна Македонија, преку шефот на дипломатијата, ставила до знаење денеска дека ЕУ мора да и помогне на државата да се справи со последиците од војната: енергетска криза, инфлација, рекордно покачување на цените на основните производи, сето тоа паралелно со прогласувањето на статус како „непријателска земја“ од страна на Русија, поради усогласувањето со западните санкции.