Украинските власти јавуваат за 10 убиени цивили во руско гранатирање на истокот

Рушевини во Доњецк, во руската воена инвазија на Украина

Најмалку 10 цивили беа убиени од руското гранатирање на град во источна Украина на 16 мај, изјави гувернерот на регионот Луганск додека министерот за одбрана на Украина имал телефонска средба со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Гувернерот Серхи Хејдеј изјави дека цивилите биле убиени во Северодонецк, откако претходно посочи дека силното гранатирање предизвикало пожари во станбени области.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников информираше дека тој и Остин разговарале за ситуацијата на бојното поле. Резников му кажал на Остин како украинските сили успешно ги користат хаубиците од 155 милиметри испратени од САД.

Украина распореди многу од новопримените американски хаубици (артилериско оружје наменето за гаѓање) на фронтот, а Вашингтон ги испорача сите освен една од 90-те артилериски парчиња што требаше да ги испратат, соопшти американската амбасада во Киев.

Обновениот руски напад на истокот дојде откако НАТО соопшти дека е запрен обидот на Москва за заземање на Донбас.

Претседателот Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање доцна синоќа рече дека украинските сили „се подготвуваат за нови обиди на Русија за напад во Донбас, за некако да го интензивираат своето движење на југот на Украина“.

„Окупаторите сè уште не сакаат да признаат дека се во ќорсокак и дека нивната таканаречена „специјална операција“ веќе банкротирала“, додаде тој.

Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека нејзиниот контранапад околу Харков, вториот по големина град во земјата, добил замав и нејзините сили ги оттурнале руските трупи назад до границата во регионот околу Харков.

Претседателскиот советник Олексеј Арестович изјави дека руските војници се префрлаат во правец на Донбас по повлекувањето од Харков по украинската контраофанзива.

Тврдењата на Украина не можеа веднаш да се проверат.