Сметки, синоди, ракети...
МАКЕДОНИЈА - Во моментов се работи на најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија која е во завршна фаза, информирање денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. Тој најави дека ќе се воведуваат блок тарифи, за што се прават последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет.
МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА / СРБИЈА - Одлуката на Српската православна црква да го обнови канонското општење со МПЦ-ОА беше поздравено од страна на Руската православна црква. Како што изјави Николај Балашов од Московската патријаршија, ова претставува надминување на полувековниот црковен раскол. Светиот архиерејски Синод на Српската православна црква (СПЦ) денеска соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
УНГАРИЈА - Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди на ера на несигурност и војна во Европа откако Националното собрание го избра за премиер по победата на неговата партија Фидес на изборите минатиот месец.
ШВЕДСКА - Шведската влада денеска донесе официјална одлука дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, следејќи ги стапките на соседна Финска, потег што ќе ја прецрта геополитичката карта на северна Европа.
РУСИЈА - Глобалниот гигант за брза храна Мекдоналдс и францускиот производител на автомобили Рено станаа најновите големи корпорации кои најавија заминување од Русија, придружувајќи им се на десетици други поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина.
МАКЕДОНИЈА - Побавен економски раст од 2,9 проценти од брутодомашниот производ годинава и 3,6 проценти следната година. Ова е ревидираната проценка на Народната банка. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година. Очекувањата на оваа институција се дека инфлацијата во просек годинава ќе изнесува 8,8 проценти со постепена стабилизација до крајот на годинава. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска најави дека Народната банка внимателно ги следи состојбата во однос на инфлацијата и девизниот пазар и ги презема сите неопходни чекори.
КОСОВО - Косовската влада предводена од премиерот Албин Курти денеска ги засили санкциите кон Русија, во согласност со оние воведени од САД и Европската унија, откако започна агресијата против Украина на 24-ти февруари.
РУСИЈА - Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, денеска изјави дека Финска и Шведска не треба да имаат илузии дека Москва едноставно ќе го толерира нивното пристапување во НАТО, нарекувајќи го тоа грешка што ќе има далекусежни последици.
УКРАИНА - Украина денеска се подготвува за нов руски напад на истокот на земјатса, додека НАТО соопшти дека инвазијата на Москва не се одвива според планираното, а нејзиниот обид за заземање на Донбас е запрен. Во меѓувреме, гувернерот на регионот Луганск, изјави дека најмалку 10 цивили биле убиени во руското гранатирање на Северодонецк, град во источна Украина.