Орбан предупредува на рецесија во Европа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди на ера на несигурност и војна во Европа откако Националното собрание го избра за премиер по победата на неговата партија Фидес на изборите минатиот месец.

Орбан, кој положи заклетва откако Собранието гласаше со 133 спрема 27 за неговиот четврти последователен мандат, рече дека земјата се соочува со деценија на војна и рецесија, но вети дека ќе ги заштити работните места, семејните бенефиции и пензиите.

„Оваа деценија ќе биде ера на опасности, несигурност и војни“, рече тој во својот говор.

Војната во Украина и европската политика на санкции како одговор на неа доведоа до енергетска криза и инфлација за кои тој предвиде дека ќе предизвикаат „период на рецесија и економски пад“.

Додека Орбан ги повтори познатите поплаки дека Брисел ја „злоупотребува својата моќ“ со потиснување на суверенитетот на земјите-членки, тој рече дека местото на Унгарија е во Европската унија во следната деценија.

Тој исто така додаде дека Унгарија нема да ги спречи санкциите на ЕУ против Русија поради нејзината инвазија на Украина се додека тие не претставуваат ризик за енергетската безбедност на Унгарија.

Унгарија и другите земји-членки, вклучително и Словачка и Чешка, ги отфрлија предложените санкции на ЕУ дизајнирани да ја казнат Русија за нејзината инвазија на Украина. Дипломатите во Брисел во моментов преговараат за пакетот бидејќи се обидуваат да ја постигнат неопходната едногласност на сите 27 членки на ЕУ.

Орбан се судри неодамна со ЕУ околу правата на ЛГБТ лицата како и прашањата за владеење на правото, но тој рече дека важноста Унгарија да биде членка на НАТО никогаш не била поочигледна.