Совет на амбасадори: Бугарија да го тргне ветото

Македонското и знамето на ЕУ во Скопје

Советот на амбасадори на Република Северна Македонија ја поздрави изјавата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Г-7 кои упатија силна поддршка за брзо отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.

Од Советот притоа ги повикаа бугарските државни институции конечно да го симнат ветото против земјава, за како што велат, да придонесат кон мирот, безбедноста и просперитетот на регионот во овие кризни времиња.

„Во однос на одлагањето на меѓувладината средба со Република Бугарија која требаше да се одржи овие денови поради „неисполнување на задачите“ од страна на Северна Македонија, како соопштуваат бугарските институции, Советот на амбасадори го изразува своето разочарување од несериозниот и условувачки пристап на бугарските државни институции кон унапредувањето на пријателските билатерални односи меѓу двете земји и смета дека тие односи може да се унапредуваат единствено со взаемно прифаќање и почитување на европските вредности“, се наведува во соопштението.

Шефовите на дипломатиите на членките Г7 – Велика Британија, Германија, Италија, Канада, Јапонија, Франција и САД и високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност на ЕУ, од средбата одржана викендов во германското место Вајзенхаус порачаа дека силно го поддржуваат брзото отворање на пристапните преговори Северна Македонија и Албанија со ЕУ и ја потврдија посветеноста на европската перспектива на шесте земји од Западниот Балкан.

„Го поздравуваме тоа што Западниот Балкан е обединет во осудата на руската агресија на Украина, особено во Генералното собрание на ОН. Ги поздравуваме Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора за целосното усогласување на нивните надворешни политики со ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите и нивното спроведување. Ја повикуваме и Србија да го стори истото“, се наведува во завршното соопштение од мнистерската средба на Г7.

Министрите воедно го поздравија напредокот во инклузивната регионална соработка и енергетската транзиција, особено преку Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Иако Советот на ЕУ на 24 март 2020 донесе одлука дека земјава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ, две години подоцна се уште без формален почеток на пристапни преговори поради блокадата на Софија.