Во моментов се работи на најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија која е во завршна фаза, информирање денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. Тој најави дека ќе се воведуваат блок тарифи, за што се прават последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет.
Така оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија.
„За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија“, рече Бислимоски.
Тој истакна дека 17 семејства во државата трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.
„Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната“, посочи Бислимоски.
Според анализите на Регулаторна, во државата има околу 660 илјади домаќинства. Притоа, на домаќинства со потрошувачка од 0 до 100 киловат часови отпаѓаат 21,49 проценти и тие се најбројни. Од 100 до 200 киловат часови трошат 14,4 проценти од домаќинствата, од 200 до 300 киловат часови - 14,86 проценти, од 300 до 400 - 12,78 проценти, од 400 до 500 - 9,68 проценти, од 500 до 1000 - 19,81 процент и над 1000 киловат часови трошат приближно околу 7 проценти.
Просечна потрошувачка на домаќинство во државата на месечно ниво изнесува 410 киловат часови при што 53 проценти од потрошувачката на електрична енергија се во скапа, а 47 проценти се во евтина тарифа.