Три локации се во игра за изградба на новиот Клинички центар истакна денеска министерот за здравство Беким Сали. Тој посочи дека локацијата засега се уште останува Ѓорче Петров, Илинден и уште една трета локација во која има веќе постоечка болница со надградување и проширување на дејноста.
„Клиничкиот центар е проект за кој се зборува веќе 17 години. Од првата недела кога стапив на функцијата кажав дека едно од можните решенија за сите проблеми со кои се соочуваме во здравството е изградбата на новата Универзитетска клиника во Скопје која што ќе биде супституција на постоечката Универзитетска клиника. Таа клиника споена во една градба би придонела во забрзување односно навремено дијагностицирање и третман на пациенти, изјави Сали.
Според него, не значи дека само градбата ќе ги реши сите проблеми, туку организацискиот дел, споеноста на клиниките, соработката односно конзилијарната соработка меѓу клиниките би придонела за навремено дијагностицирање и третман на пациенти.
„Во техничкиот дел се уште немаме ништо одредено, освен првиот момент кој јас го сметам како најважен да има политичко усогласување за терање на тој проект. Се уште не сме дошле до фаза на ограничување временско до кога мора да се усогласиме. Тоа се сепак претставници од политички партии и внатрепартиски дискусии, можеби треба да се донесе една таква одлука’, рече Сали.
Во врска со Законот за новиот Клинички центар, рече дека засега изгледа тој ќе биде повлечен, меѓутоа се уште не донеле финална одлука.
Актуелната владејачка гарнитура го стопираше планот за изградба на нов клинички центар од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Тодоров, поранешен министер за здравство во владата на Никола Груевски во 2017 година потпиша договор за нов клинички центар, кој требаше да се гради на местото на старата гинекологија која се наоѓа кај комплексот клиники, а требаа да го градат македонските фирми Гранит и Бетон и италијанската компанија Инсо системи.
Потоа владата на СДСМ одлучи да го раскине договорот оти сметаа дека Клиничкиот центар треба да се гради на друга локација, во општината Ѓорче Петров. Нов клинички центар се уште нема.