Цената на пченицата дополнително скокна на меѓународните пазари откако Индија воведе забрана за извоз на основните житарки.
Индексот на цените на пченицата се зголеми за 5,9 отсто во Чикаго, што е највисоко во последните два месеци.
Забраната за извоз во Индија следи откако топлотниот бран ги исуши житните култури во земјата и ги зголеми домашните цени на рекордно високо ниво, јавува Би-Би-Си.
Цените на многу производи, од леб и колачи до тестенини, се зголемија во последниот месец, како и цените на пченицата на светските берзи.
Индиската влада соопшти дека ќе продолжи да дозволува извоз во земјите со веќе договорен извоз и оние кои бараат залихи „за да ги задоволат нивните потреби за прехранбена безбедност“, објави Би-Би-Си.
Владините претставници, исто така, рекоа дека забраната не е трајна и дека може да се ревидира. Одлуката на Индија беше критикувана од министрите за земјоделство на Групата седум (Г7) кои се состанаа во Германија.
„Ако сите почнат да воведуваат ограничувања за извозот или да ги затвораат пазарите, тоа би ја влошило кризата“, рече германскиот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир.
Иако Индија е втор најголем производител на пченица во светот, таа претходно не беше главен извозник бидејќи повеќето од нејзините култури се продаваат на домашните пазари.
Но, украинскиот извоз на пченица падна по руската инвазија. Со сушите и поплавите кои им се закануваат на посевите во другите земји со силно производство, трговците со стоки очекуваа дека индиските залихи ќе надоместат дел од недостатокот.
Пред забраната, Индија имаше намера да испорача рекордни 10 милиони тони пченица оваа година.