Побавен економски раст од 2,9 проценти од брутодомашниот производ годинава и 3,6 проценти следната година. Ова е ревидираната проценка на Народната банка. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година. Очекувањата на оваа институција се дека инфлацијата во просек годинава ќе изнесува 8,8 проценти со постепена стабилизација до крајот на годинава. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска најави дека Народната банка внимателно ги следи состојбата во однос на инфлацијата и девизниот пазар и ги презема сите неопходни чекори.
„Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Оцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни. Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија“ изјави таа.
Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината. Тоа значи дека за следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст.
За 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3%. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2%, во просек, во согласност со октомвриските очекувања.
Неповолни се проценките за развојот на македонската позиција во надворешната економија поради војната во Украина и последиците од неа, потоа нови нарушувања на синџирите на снабдување и натамошен раст на цените на примарните производи на светските берзи. Тоа носи раст дефицитот од 8 проценти од БДП.
Иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Притоа, за целата 2022 година кредитниот раст би изнесувал 7,7%.