Косово ги засили санкциите кон Русија

Косовскиот премиер Албин Курти.

Косовската влада предводена од премиерот Албин Курти денеска ги засили санкциите кон Русија, во согласност со оние воведени од САД и Европската унија, откако започна агресијата против Украина на 24-ти февруари.

Заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово Крешник Ахмети на седницата на Владата рече дека Косово ја усогласува својата политика со западните земји.

Новиот пакет санкции ја вклучува Белорусија, а опфаќа економски и финансиски мерки.

Меѓу другото, косовската влада воведе рестриктивни мерки за групата Вагнер, која е составена од платеници со седиште во Русија.

„Поединци на списокот на ЕУ се вклучени во сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и тортура и убиства“, рече Ахмети, алудирајќи на поединци од групата Вагнер кои исто така беа санкционирани од ЕУ.

Групацијата Вагнер е приватна воена компанија, но важи за блиска до рускиот претседател Владимир Путин. Оваа единица, според пишувањата на медиумите, е составена од обучени платеници, подготвени да учествуваат во војни ширум светот.

Западните влади ја обвинуваат Москва дека ја користи групата на Вагнер како паравоена сила во конфликтите во Украина, Либија, Сирија, Судан, Мозамбик и Централноафриканската Република.