Шведска денеска ќе испрати дипломати во Турција за да се обиде да ги надмине приговорите на Анкара на планот на земјата за пристапот во НАТО, изјави шведскиот министер за одбрана Петер Хултквист.
Тој рече дека очекува истиот ден да биде донесена официјална одлука за поднесување барање за членство во НАТО.
„Ќе испратиме група дипломати на разговори со Турција за да видиме како ова може да се реши и за што всушност се работи“, изјави Хултквист за јавниот сервис СВТ.
Шведскиот парламент денеска ќе расправа за потенцијалното членство на земјата во НАТО, јавува Би-Би-Си.
Дебатата доаѓа откако вчера владејачките социјалдемократи објавија дека го поддржуваат приклучувањето кон воениот сојуз.
Социјалдемократите во неделата на 15 мај се откажаа од 73 годишното противење за влез во НАТО. Тие изразија желба за брз пристап во Алијансата, напуштајќи ја децениската политика на неутралност, откако Русија ја нападна Украина.
Соседот на Шведска, Финска, вчера потврди дека формално ќе поднесе барање за членство во НАТО.
Сепак, Турција ги изненади сојузниците во НАТО велејќи дека нема да гледа позитивно на барањата на Финска и Шведска, а претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека „скандинавските земји се засолништа за терористичките организации“.
Турција соопшти дека сака скандинавските земји да престанат да ги поддржуваат курдските милитантни групи присутни на нивната територија и да ја укинат забраната за продажба на одредени оружја на Турција.
НАТО и САД велат дека се убедени дека Турција нема да го запре членството на Финска и Шведска.
Шведскиот парламент денеска ќе расправа за членството во НАТО, а одлуката треба да биде само формалност бидејќи големо мнозинство пратеници го поддржуваат пристапувањето.
„Владата ќе донесе официјална одлука за апликацијата подоцна во текот на денот“, рече Хултквист.
Секоја одлука за проширување на НАТО бара одобрение од сите 30 членки на алијансата и нивните парламенти, но дипломатите рекоа дека Ердоган ќе биде под притисок да попушти бидејќи Финска и Шведска во голема мера ќе го зајакнат НАТО во Балтичкото Море.