Австрија очекува ЕУ наскоро да постигне договор за нови санкции кон Русија

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг

Австрија очекува Европската унија (ЕУ) во наредните денови да се договори за шестиот пакет санкции против Русија, изјави денеска министерот за надворешни работи Александар Шаленберг.

„Уверен сум дека ќе успееме да постигнеме шести пакет санкции во наредните денови“, изјави Шаленберг за новинарите пред средбата со неговите колеги од ЕУ во Брисел.

Како што наведе, сè уште има одредена потреба од дискусија.

„Но, јас верувам дека нашата цел треба да биде да ги одржиме овие дебати онаму каде што им е местото, во Европскиот совет, за да не ѝ дадеме на јавноста слика на несогласување. Русија нè гледа“, вели Шаленберг.

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн, исто така, смета дека ЕУ ќе воведе шести пакет санкции кон Русија, но вели дека ќе биде потребно повеќе време за да се постигне договор.

„Навистина нема оправдување пакетот да не се спроведе“, изјави Аселборн за новинарите.

На 4 мај, Европската комисија предложи следната рунда санкции да вклучи етапна забрана за увоз на руска нафта, што, доколку биде одобрено, ќе биде најтешкиот потег против енергетскиот сектор на Русија досега.

Руската нафта учествува со 25 отсто од вкупниот увоз на нафта во ЕУ и е главен извор на приход за Кремљ, но нивото на зависност на државите варира.

Зависноста од руската нафта во Бугарија, Чешка, Унгарија и Словачка е најголемата пречка за договорот за ембарго предложен на почетокот на мај од Европската комисија, како одговор на руската инвазија на Украина на 24 февруари.