Градот Шангај најави „постепено“ отворање на продавниците на 16 мај, во време кога жителите покажуваат зголемена нервоза по вториот месец на заклучување.
Кина, која овие недели се соочува со бран епидемии на коронавирусот, на почетокот на април ја затвори метрополата од 25 милиони луѓе, која е епицентарот на инфекцијата.
Некои жители на Шангај беа во карантин и пред тој датум.
Незадоволни од проблемот со снабдување со свежи производи, невозможниот пристап до медицинска нега освен за Ковид и испраќањето на лицата со позитивен ковид тест во карантинските центри, многу граѓани својот гнев го изразија преку интернет.
Заменик-градоначалникот на Шангај Чен Тонг денеска најави повторно отворање продавници во фази, почнувајќи од понеделник.
Во Кина секое укинување на рестрикциите најчесто се условува со тоа во општеството да има „нула инфекција“, односно да нема нов позитивен случај во текот на три дена, освен во карантинските центри.
Падот на нови случаи е голем. Денеска се пријавени 1.369 нови случаи на заразени во Шангај, наспроти бројките од 25.000 случаи дневно на крајот на минатиот месец.
Сепак, во некои делови од градот, се чини дека ограничувањата станаа уште построги во последните денови.
Пекинг, кој се наоѓа на 1.200 километри северно, живее во страв од заклучувањата од крајот на април, кога беа пријавени повеќе од илјада нови случаи на инфекција.
Пекинг неколкупати ги тестираше жителите. Позитивните луѓе беа ставани во карантин, а затворени се метро станиците и продавниците во некои населби кои не се неопходни.