Заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија во Скопје е одложена затоа што нема договорен документ што би покажал напредок во преговорите меѓу двете земји, изјави шефицата на Кабинетот на претседателот на бугарската Влада, Лена Бориславова.
На заедничката владина седница требаше да учествува бугарска владина делегација предводена од премиерот Кирил Петков.
Вчера и мекедонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека седницата со Бугарија предвидена за 22 мај нема да се одржи бидејќи, како што рече, тоа не го дозволувале агендите.
Тој додаде дека во моментов министерствата за надворешни работи на двете земји разменувале идеи, но дека немаат усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор.
Ковачевски рече дека решение со Бугарија е можно „единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните“.
Бугарија од 2019 година го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и покрај тоа што двете држави во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство.
Ковачевски рече дека разговорите со Бугарија продолжуваат, а во однос на чествувањата по повод 24 мај, посочи дека тој ќе ја предводи македонската делегација во Рим.
„На 24-ти, ние ќе имаме наша делегација во Рим, којашто ќе биде составена од министри, а во неа ќе биде и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Јас ќе ја предводам таа делегација и таа ќе биде македонска делегација во Рим“, рече Ковачевски.