Средба Блинкен - Кулеба: „Повеќе оружје и помош е на пат“ за Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека денеска се сретнал со американскиот државен секретар Антони Блинкен во Берлин, велејќи дека „повеќе оружје и друга помош е на пат за Украина“.

Кулеба требаше да ги информира министрите за надворешни работи на НАТО на состанокот во Берлин за ситуацијата на теренот во Украина и за тоа како Алијансата може дополнително да ѝ помогне на земјата додека веќе 12 недела се бори против руските сили.

„Се договоривме тесно да соработуваме за да обезбедиме извозот на украинската храна да стигне до потрошувачите во Африка и Азија. Благодарни сме им на секретарот Блинкен и на САД за нивното лидерство и непоколебливата поддршка“, напиша Кулеба на Твитер.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс рече дека Блинкен и Кулеба разговарале за влијанието на руската инвазија на Украина, вклучително и за глобалната безбедност на храната.

„Секретарот пренесе детали во врска со последната транша од американската безбедносна помош за зајакнување на одбраната на Украина“, рече Прајс.