Претседателот и премиерката на Финска објавија дека нордиската земја има намера да поднесе барање за членство во НАТО, отворајќи го патот за проширување на 30-члената воена алијанса поради руската инвазија на Украина.
Претседателот Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин денеска ја соопштија одлуката на заедничката прес-конференција во Претседателската палата во Хелсинки.
Минатата недела, претседателот и премиерката изјавија дека и двајцата се за членство во НАТО, во голема промена на политиката поттикната од војната во Украина.
Финска, која дели 1.300 километри граница со Русија, 75 години беше воено неутрална.
Но, откако Русија ја нападна Украина во февруари, политичкото и јавното мислење драматично се свртеа во корист на членството.
Русија рече дека би било грешка Хелсинки да се приклучи на трансатлантската алијанса и дека тоа ќе им наштети на билатералните врски.
Претходно оваа недела Ниинисто пред новинарите рече дека „приклучувањето во НАТО нема да биде против никого“.
Тој рече дека неговиот одговор кон Русија ќе биде: „Вие го предизвикавте ова. Погледнете во огледало“.
Финскиот парламент се очекува да ја одобри одлуката во наредните денови, но тоа се смета дека ќе биде формалност.