Десет лица беа убиени во расно мотивирано масовно пукање во супермаркет во градот Бафало, во американската држава Њујорк.
18-годишино лице во воена опрема е уапсено на лице место и е приведено, соопшти полицијата.
Тој влегол во прометниот супермаркет Топс во саботата попладне на 14 мај и отворил оган. Според полицијата, нападот бил пренесуван во живо на социјалните мрежи.
„Вкупно тринаесет луѓе беа застрелани, а повеќето од жртвите се црнци“, рече комесарот на полицијата во Бафало, Џозеф Грамаглиа.
Во нападот се застрелани 13 лица, а 10 се убиени. Тројцата ранети, кои работеле во супермаркетот, не се здобиле со повреди опасни по живот.
Се верува дека осомничениот возел неколку часа за да стигне до делот на градот Бафало каде живее претежно афроамериканско население.
Американското Министерство за правда го истражува масовното пукање „како злосторство од омраза и чин на расно мотивиран насилен екстремизам“, рече американскиот државен обвинител Мерик Гарланд.
Напаѓачот е идентификуван како Пејтон Гендрон (18) и се изјаснил за невин по обвиненијата за убиство од прв степен, изјави за Си-Ен-Ен главниот судија на судот во градот Бафало, Крег Хана.
Во интервју за Си-Би-Ес, полициски извор изјавил дека Гендрон извикувал расни навреди за време на пукањето.
„Излезе од возилото тешко вооружен. Имаше тактичка опрема. Носеше тактички шлем. Имаше камера за да пренесува во живо што прави“, изјавил Комесарот на полицијата во Бафало, Џозеф Грамаглиа.
Тој изјави дека осомничениот го предал оружјето по тензичната пресметка и дека е уапсен.