Украинскиот бенд „Калуш оркестар“ победи на изборот за песна на Евровизија, откако јасно беше покажана поддршката на публиката за нацијата разурната од војна.
Шестчлениот бенд, кој ги меша традиционалните народни мелодии и современиот хип хоп во намерната одбрана на украинската култура, беше омилен меѓу 25 бендови и изведувачи кои се натпреваруваа во големото финале.
Јавното гласање на секоја земја беше клучно за победата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски честитајќи ја победата на Телеграм изјави дека Украина ќе даде се од себе следната година домаќин на натпреварот да биде пристанишниот град Мариупол, кој е речиси целосно под контрола на руските сили.
Зеленски по објавувањето на победата на Фејсбук напиша дека „победничкиот акорд“ на Украина „во борбата со непријателот не е далеку“.
„Нашата храброст го импресионира светот, нашата музика ја освојува Европа! Следната година Украина ќе биде домаќин на Евровизија! По трет пат во својата историја“, напиша меѓу другото Зеленски.
Фронтменот на бендот Олег Псиук по настапот ја искористи огромната публика ширум светот за да упати страсно барање за ослободување на борците кои сè уште се заробени во големата фабрика за челик во јужниот пристанишен град Мариупол.
„Ве молам, сите вие, помогнете ѝ на Украина, Мариупол. Помогнете му на Азовстал, сега“, рече фронтменот на групата Псиук пред публиката од околу 7.500 луѓе во Торино што го следеше настанот во живо и милионската публика преку ТВ преносот.
Оркестарот Калуш беше меѓу 25-те бендови кои настапија на финалниот избор за песна на Евровизија пред публика во живо во индустрискиот северен град Торино, додека милиони ги следеа на телевизија или стриминг низ целиот свет.
Русија оваа година беше исклучена по нејзината инвазија на Украина што ја започна на 24 февруари, потег за кој организаторите рекоа дека има за цел да ја држи политиката подалеку од конкуренцијата која промовира различност и пријателство меѓу народите.
Украинската песна „Стефанија“ е напишана во чест на мајката на фронтменот на бендот, но од војната е претворена во химна на опколената нација, бидејќи текстот доби ново значење.