Ковачевски - Решение со Бугарија е можно единствено ако се заснова на европски вредности

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека на 22 мај нема да се одржи заедничка владина конференција со Бугарија бидејќи, како што рече, тоа не го дозволувале агендите.

Тој додаде дека во моментов министерствата за надворешни работи на двете земји разменувале идеи, но дека немаат усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор.

Ковачевски рече дека решение со Бугарија е можно „единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните“.

Бугарија од 2019 година го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и покрај тоа што двете држави во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство.

Ковачевски рече дека разговорите со Бугарија продолжуваат, а во однос на чествувањата по повод 24 мај, посочи дека тој ќе ја предводи македонската делегација во Рим.

„На 24-ти, ние ќе имаме наша делегација во Рим, којашто ќе биде составена од министри, а во неа ќе биде и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Јас ќе ја предводам таа делегација и таа ќе биде македонска делегација во Рим“, рече Ковачевски.