Ким Џонг Ун - Појавата на КОВИД-19 во Северна Кореја е „голема катастрофа“

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун.

Новите случаи на коронавирус во Северна Кореја претставуваат „голема катастрофа“ за земјата, изјави севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, објавија државните медиуми.

Ким, за време на денешниот итен состанок, повика на сеопфатна борба против ширењето на вирусот.

Неговиот одговор доаѓа откако официјалните лица на 12 мај ги објавија првите потврдени случаи на инфекција, иако експертите веруваат дека вирусот веројатно циркулира некое време.

Се стравува дека КОВИД-19 може да има страшни последици за Северна Кореја, јавува Би-Би-Си.

Оваа 25-милионска држава е ранлива поради немањето програми за вакцинација и лошиот здравствен систем.

Државните медиуми вчера објавија дека во последните недели имало половина милион случаи на необјаснета треска. Земјата има ограничени опции за тестирање, така што повеќето случаи на КОВИД-19 никогаш претходно не биле потврдени.

Таа бројка означува големо зголемување од бројките дадени пред два дена, потенцијално давајќи одредени индикации за степенот на појава на КОВИД-19 во Северна Кореја.

„Ширењето на малигната епидемија е најголемото превирање што ја снашло нашата земја од нејзиното основање“, вели Ким кој беше цитиран од официјалната новинска агенција КЦНА.

Тој ја обвини бирократската и медицинската неспособност за кризата и посочи дека може да се извлечат поуки од одговорот на земјите како соседна Кина.

Државните медиуми јавуваат дека 27 лица починале од април откако фатиле треска.

Извештаите не кажуваат дали тие биле позитивни на КОВИД-19, освен еден смртен случај во главниот град Пјонгјанг, за кој беше потврдено дека е омикрон сој на коронавирусот.