Со подготвеноста на Финска и Шведска да аплицираат за членство во НАТО, Русија соопшти дека нејзиниот одговор на ваквиот потег на нордиските земји ќе зависи од видот на воената инфраструктура на НАТО што ќе биде лоцирана на нивната територија.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, денеска пред новинарите во Москва изјави дека пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО ќе бара стратешка промена и дека Кремљ ќе преземе „соодветни мерки за одговор“ доколку нуклеарните сили на НАТО се доближат до границите на Русија.
Поддршката за влезво НАТО во Финска и Шведска, кои традиционално се неутрални земји, се зголеми по руската неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари.
Русија ги наведе амбициите на Украина да се приклучи на НАТО како клучна причина за започнување на војната.
Владејачката Социјалдемократска партија во Финска се очекува денеска да ја објави својата поддршка за пристапување во НАТО, чекор што ќе го отвори патот за формална апликација во наредните денови.
И шведската влада се очекува наскоро да ја објави одлуката. Министрите за надворешни работи на НАТО денеска ќе се состанат во Берлин на дводневни разговори, вклучително и за потенцијалното членство на Финска и Шведска.
Многу членки на алијансата веќе изразија поддршка за апликациите од Шведска и Финска, иако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера рече дека нема „позитивно мислење“ за членството на двете нордиски земји.