Од Ердоган до Неделков
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека нема „позитивно мислење“ за членството на Финска и Шведска во НАТО. Долгогодишната членка на НАТО, Турција постојано ги критикуваше Шведска и другите западноевропски држави за нивното справување со групите кои Анкара ги смета за терористи, вклучително и курдските милитантни групи ПКК и ЈПГ и следбениците на исламскиот свештеник Фетула Ѓулен со седиште во САД.
САД - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го искористил својот прв разговор со неговиот руски колега Сергеј Шојгу од почетокот на руската сеопфатна инвазија врз Украина за да повика на итен прекин на огнот, соопшти денеска Пентагон.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија по дводневната средба во Софија соопшти дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера.
УКРАИНЕ - Украина соопшти дека спречила обид на руските сили да преминат клучна река на исток. Украинското Министерство за одбрана денеска објави слики од, како што рече, оштетениот руски понтонски мост над реката Сиверски Донец, со неколку уништени или тешко оштетени руски воени возила во близина.
СЛОВЕНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Македонски државјанин е меѓу петмината загинати во вчерашната експлозија во фабриката за хемиски производи Меламин во словенечкиот град Кочевје, јавија денеска словенечките медиуми.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК, Јаким Неделков пред новата средба попладнево во Министерството за образование и наука изјави дека очекува двете страни да се приближат во ставовите и преговорите позитивно да завршат.
МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека се уште не може да каже колкава ќе биде висината на заемот од ММФ и од други извори. Тој рече дека се прават последните проекции и ребалансот на Буџетот е при крај. Според него, висината на заемот ќе се знае за десетина дена, кога ребалансот на Буџетот, како што Битиќи очекува, треба да се најде на владина седница.