Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска соопшти дека повеќе од 6 милиони бегалци досега ја напуштиле Украина, откако Русија ја започна својата целосна инвазија на 24 февруари. Агенцијата соопшти дека бројот на оние што заминале изнесува 6.029.705 луѓе заклучно со 11 мај, од кои 90 отсто се жени или деца.
Украинските власти на почетокот на конфликтот им забранија на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата во обид да ја зајакнат воената, цивилната и друга одбрана. Многу од милионите кои избегаа заминаа во соседните земји, а најголем број патуваа во Полска, членка на ЕУ.
Уште осум милиони Украинци се внатрешно раселени поради конфликтот. Големата инвазија следи по осум години конфликт од понизок степен откако руските сили извршија инвазија за да го анектираат Крим и сепаратистите поддржани од Русија ја освоија контролата врз делови од источна Украина во областа позната како Донбас.
Зеленски вели дека е подготвен да разговара со Путин
Движењата на Украинците во странство значително се забавија од максимумот од околу 3,4 милиони во месец март, соопшти агенцијата. Речиси половина милион Украинци ја напуштиле земјата од почетокот на мај, се вели во извештајот.
Обединетите нации предвидоа дека околу 8 милиони луѓе ќе ја напуштат Украина оваа година доколку конфликтот продолжи. Украина пред војната броеше околу 44 милиони жители, вклучувајќи ги и областите под руска или сепаратистичка контрола.