Русија предупреди дека ќе мора да преземе „воено-технички чекори“ поради одлуката на Финска да стане членка на НАТО. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека пристапувањето на Финска во НАТО „ќе предизвика сериозна штета на руско-финските односи, како и на стабилноста и безбедноста во северна Европа“. „Русија ќе биде принудена да преземе чекори за да возврати со воено-технички и други карактеристики со цел да се спротивстави на растечките закани за нејзината национална безбедност“, соопшти Министерството. Финска, иако има право да одлучува за начините за обезбедување на сопствената безбедност, „мора да биде свесна за својата одговорност и за последиците од таквиот потег“, додаваат од Министерството предводено од Сергеј Лавров.
Финска презема чекор кон НАТО и покрај заканите од Москва
Министерството ја обвини Финска дека ги прекршила претходните договори со Русија, со која дели копнена граница долга 1.340 километри, со намера да се приклучи на НАТО. „Историјата ќе утврди зошто Финска мораше да ја претвори својата територија во бедем во воената конфронтација со Русија, со губењето на независноста во одлучувањето“, се вели во соопштението.
Сè што треба да знаете: Финска и Шведска сѐ поблиску до НАТО
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека ставот на Финска дека бара членство во НАТО без одлагање нема да придонесе за стабилноста и безбедноста во Европа. Песков рече дека одговорот на Русија ќе зависи од конкретните чекори што НАТО ќе ги преземе за да ја доближи својата инфраструктура до руските граници. Претседателот и премиерката на Финска, Саули Нинисто и Сана Марин вчера во заедничка декларација изјавија дека нордиската земја треба „без одлагање“ да поднесе барање за членство во НАТО. Тоа значи дека Финска речиси сигурно ќе стане членка на Алијансата, иако процесот на пристапување може да потрае неколку месеци. Се очекува соседот на Финска, Шведска да донесе одлука за влез во НАТО за неколку дена.