ОН изгласаа резолуција за истрага на наводните руски убиства, тортура и други злоупотреби во Украина

УКРАИНА - Куче лежи покрај тело на маж на улица во градот Буча, недалеку од украинскиот главен град Киев на 3 април 2022 година.

Советот за човекови права на ОН (УНХЦР) денеска со големо мнозинство ја одобри резолуцијата за покренување истрага за наводите за злоупотреби од страна на руските војници во областите на Украина коишто тие привремено ги контролираа.

33 членки гласаа „за“ одобрување на резолуцијата, а две земји, Кина и Еритреја, беа против. Дванаесет земји се воздржаа од гласањето на Советот со седиште во Женева.

Во резолуцијата на УНХЦР се наведуваат очигледни случаи на тортура, пукање и сексуално насилство, како и други злосторства документирани на теренот од страна на тим на ОН.

Високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Бачелет, која го предводи Советот, претходно изјави дека илјадници тела биле пронајдени во регионот на Киев по повлекувањето на руските сили, што може да биде доказ за воени злосторства.

Таа преку видео-врска рече дека властите работат на проверка на прекршувањата додека руската војна против Украина, која Русија ја започна во февруари, се интензивира.

„Размерите на незаконски убиства, вклучително и индикации з егзекуции во областите северно од Киев, се шокантни“, рече Бачелет.

УНХЦР денеска ги осуди злосторствата документирани од експерти на териториите окупирани од Русија и побара пристап за хуманитарните работници до луѓето кои биле однесени од Украина во Русија од почетокот на инвазијата. Телото наведува дека многумина биле принудени да одат во Русија.