Најк го запре спонзорството на рускиот фудбалски клуб Спартак Москва

Навивачи на Спартак Москва на натпревар во руската Премиер лига.

Американскиот гигант за спортска облека Најк ја прекина 17-годишната соработка со рускиот прволигаш Спартак Москва, откако тимот беше исклучен од европските натпреварувања за следната сезона поради неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина.

„Најк го извести ФК Спартак за раскинувањето на спонзорскиот договор поради фактот што, во согласност со пресудата на УЕФА, нашиот клуб нема да може да учествува во европските натпреварувања следната сезона“, се вели во денешното соопштение на клубот.

„Раководството на комерцијалниот оддел на Спартак сега работи на изнаоѓање нов добавувач на опрема“, се додава во соопштението.

Најк допрва треба јавно да коментира за ова прашање.

На 2 мај, Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) објави забрана за руските машки клубови за следната сезона како одговор на војната што Москва во февруари ја започна против Украина. Според тоа на руските фудбалски тимови ќе им биде забрането да учествуваат во натпреварувањата во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и во натпреварувањата на европската конференциска Лига.