Потенцијалното членство на Финска во НАТО би претставувало закана за Русија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, набргу откако финските лидери во заедничка изјава соопштија дека го поддржуваат пристапувањето во западната воена алијанса.
На прашањето дали финскиот потег може да се гледа како закана од Кремљ, Песков одговори „без сомнение“, јавува државната новинска агенција ТАСС.
„Обновеното проширување на НАТО нема да го направи нашиот континент постабилен и побезбеден“, рече Песков, додавајќи дека Русија ќе ги проценува последиците од приклучувањето на Финска во НАТО со цел сопствената безбедност.
“НАТО се движи во наша насока. Сега сè зависи од тоа како ќе се развива процесот на понатамошно проширување на НАТО и каква воена инфраструктура ќе биде преместена до границите на Русија“, изјави Песков, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Финска ќе аплицира за членство во НАТО без одлагање
Претходно финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин во заедничка изјава оценија дека членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на Финска.
„Финска мора да аплицира за членство во НАТО без одлагање. Се надеваме дека националните чекори што се уште се потребни за да се донесе оваа одлука ќе бидат преземени брзо во текот на следната неколку дена“, се вели во заедничката изјава на двајцата лидери на 12 мај.