ХРВ: Напади со касетна муниција во Украина

Руските, но и украинските сили користеле касетна муниција

Руските сили постојано користат касетна муниција во нападите во кои загинаа стотици цивили и беа оштетени домови, болници и училишта од нејзината инвазија на Украина, се вели во извештајот на Хјуман рајтс воч, објавен денеска, а во кој се додава дека украинските сили барем еднаш користеле касетна муниција. Двете земји треба да престанат со употребата на ова забрането оружје и да се обврзат да му се приклучат на меѓународниот договор за забрана на касетна муниција. Извештајот од 20 страници, „Интензивна и трајна штета: Напади со касетна муниција во Украина“, објаснува како руските вооружени сили користеле најмалку шест видови касетна муниција во меѓународниот вооружен конфликт во Украина. „Употребата на касетна муниција од страна на руските сили во населените населби во Украина предизвикува итна и долгорочна цивилна штета и страдање и треба да престане“, вели Мери Варехам, директорка во Хјуман рајтс воч и автор на извештајот, додавајќи: „Украина, исто така, треба да престане да ги користи овие брутални оружја пред да бидат повредени повеќе цивили“.

Артилериски дуели во Луганск


Касетната муниција може да биде истрелана од земја со артилериски системи како што се ракети и проектили или да се исфрли од авион. Тие обично се распрснуваат во воздухот, ширејќи повеќе муниција или бомби неселективно на површина со големина колку еден градски блок. Повеќето не успеваат да експлодираат при првичниот удар, оставајќи опасни делови што можат да убијат и осакатуваат. „Поголемиот дел од светот ја отфрли касетната муниција пред неколку години поради нивните долготрајни опасности“, рече Варехам. „Осудата на употребата на касетна муниција во Украина ќе ја зајакне глобалната стигма против ова оружје и ќе помогне да се осигура дека цивилите ќе бидат заштитени од нив во иднина“.