Борел ги повика земјите од Западен Балкан да се усогласат со мерките на ЕУ против Русија

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел

Пред денешната неформалната вечера со лидерите од Западен Балкан во Брисел, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел пред новинарите истакна дека Европската унија го поздравува фактот што повеќето земји од регионот од првиот ден целосно ги почитуваат одлуките на ЕУ, кои беа одговор на руската агресија врз Украина.

Притоа додаде дека поголемиот број партнери на ЕУ во регионот се целосно усогласени со одговорот на Унијата на руската агресија од првиот ден на војната во Украина.

„Ги повикувам другите да го сторат истото. Повеќето веќе го направија тоа, но ги повикувам и другите да го сторат истото“, рече Борел.

Борел во пресрет на вечерата се сретна одвоено со сите учесници.На традиционалната неформална вечера на лидерите од Западен Балкан со шефот на европската дипломатија се премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала и српскиот член во Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Како што соопштија од кабинетот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на средбата било истакнато дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија.

Премиерот притоа изразил благодарност за ангажманот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, за неговата континуирана и цврста поддршка за Република Северна Македонија. За време на разговорот било нагласено дека Владата останува посветена на реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.

Претседателот на Србија, пак Александар Вучиќ најави „тешки разговори поради многу прашања кои се појавија во меѓувреме“.

Тој нагласи дека Србија останува посветена на забрзаниот пат кон ЕУ. Тој најави „една важна посета на Белград“ во наредните денови.

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик оцени дека украинската војна не влијае на неговата земја.Според него, поголем проблем е што во БиХ се одржуваат избори без изборни реформи.

„Влијае во сферата на економијата, но во предизвикување конфликти, апсолутно не. Нема индикации дека може да дојде до ескалација. Сето тоа се пропагандни трикови“, рече Додик.

Борел пред новинарите потврди дека фокусот на дискусијата на вечерата ќе биде влијанието на војната во Украина врз ситуацијата во Западен Балкан. Во таа насока, нагласи дека Русија сака да ја „искористи ранливоста на регионот“, па затоа треба да се анализираат начините за спротивставување на руските фондови на Западен Балкан.

„Последната војна во Европа беше на Западен Балкан. Сега е во Украина. Денес ќе биде добра можност да разговараме за глобалното и регионалното влијание на илегалната војна на Путин против украинскиот народ и меѓународниот правен поредок. Сакам да разговарам со нашите најблиски партнери, шестмина балкански лидери кои ги претставуваат нашите најблиски партнери, не само од географска гледна точка. Разговарам со нив како идни членки на ЕУ“, рече Борел.

Тој наведе дека Западен Балкан останува стратешки приоритет за ЕУ, истакнувајќи ја потребата ЕУ и регионот „да останат обединети“ и „да ги преземат неопходните чекори заедно за да обезбедат безбедна, стабилна и просперитетна Европа“.